Корнеа Медика започна со изведување на напредни операции на рожницата

Објавено ноември 08, 2012 | Коментирај

 

 

Поликлиниката за очни болести Корнеа медика започна со изведување на крос-линкинг, најсовремениот зафат за третирање на кератоконус. Станува збор за неинвазивен зафат при третирање на заболувањето на рожницата.

 

До неодамна не постоеше вистински третман за кератоконус и честопати пациентите беа принудени да се подложат на драстични методи како што е трансплантација рожница. Болеста се манифестира со истенчување и испакнување на рожницата кон надвор во форма на конус.

 

„Досегашните клинички студии покажаа дека прогресивниот кератоконус може да се стабилизира со помош на методот корнеален крос-линкинг, што подразбира УВ зрачење во комбинација со Б2 витамин (рибофлавин). Тоа резултира со поврзување на корнеалниот колаген и со престанок на истенчување и испакнување на рожницата. Со помош на овој метод се подобрува и биомеханичката сила на корнеалното ткиво. После ваквиот очен третман на многу пациенти значително им се подобрува видот посебно со употреба на контактни леќи или очила“, изјави доктор Мирко Јанков.

 

Корнеа медика ги применува сите современи научни методи во насока на поефективен третман на болестите на окото. Од таму најавуваат понатамошно следење и применување на медицинските откритија.

 

„Корнеа медика е центар што ги следи новите напредни и современи методи во пристапот кон лекување на окото и очните болести. Започнувањето со применување на крос-линкинг третманот е само првиот чекор во нашите заложби да дадеме што повеќе решенија за нашите пациенти“, изјави м-р д-р Гордана Златева, директор на Корнеа медика.

 

Кератоконусот е заболување на млади луѓе од 6 до 40 години. Најчесто се појавува во пубертетот. По 40-тите години поретко се забележува оваа појава, а почесто се појавува кај машките пациенти. Заболувањето е двострано, но обично почнува на едното око. Пациентите со кератоконус се соочуваат со намалување на видот кој не може успешно да се коригира со очила.

 

Коментирај

Нема коментари за Корнеа Медика започна со изведување на напредни операции на рожницата. Остави свој коментар за овој напис

Оставете коментар